Во поново време се појавуваат синтетички материјали – пластични материјали, кои се применуваат во повеќе области во градежништвото.
Според примената на градежните материјали, тие може да се поделат на две групи и тоа:
- конструктивни материјали (природен камен материјал, вештачки камен материјал, малтери, бетон, керамички материјали, дрво, метали и др.);
- специјални материјали (топлотни и звучни изолациски материјали, хидроизолациски материјали и антикорозивни премази, бои, лакови и др.).
Градежните материјали, исто така, се употребуваат и како суровини за добивање други градежни материјали и основа на која се формираат градежни конструкции и објекти.
Основни својства на градежните материјали се:
- физички својства;
- механички својства;
- хемиски својства.
Физички својства се својства на материјалите кои може да се забележат со нашите сетила или да ги измериме со инструменти и уреди. Такви може да бидат: влажност, водопропустливост, отпорност на пожар, спроводливост на топлина, отпорност на мраз, паропропустливост и др.
Влажност на материјалот претставува сооднос на масата на водата во однос на масата на цврстите честички во набљудуваниот волумен. Основни големини за опишување на влажноста се апсолутна и релативна влажност и тие се изразуваат во проценти.

Comments
Post a Comment